Освојувачот на Купот на Македонија екипата на ТФТ со победа над Осиек го заврши својот настап на четвртиот турнир во АБА2 лигата што се одржува Бања Лука.
Тимот од скопската населба Тафталиџе, по двата врзани порази, конечно во натпреварот до 10.коло против хрватскиот претставник славеше со 74-70.
Избраниците на тренерот Боро Смилковски започнаа одлично и поведоа со 8-0, која континуирано ја зголемуваа, а на 7 минути пред крајот имаа и 15 поени предност (65-50). Но, наместо рутинирано да го приведат натпреварот кон крај, му дозволија на противникот со серија од 14-2 да се врати во игра и на 3.минути на крајот да намели на само четири негатива (67-63).
Во редовите на ТФТ, Американецот, Батрик оствари дабл-дабл ефект со 24 поени и 14 скокови, а двоцифрен учинок имаа и Андерсон со 11, односно Николов со кој постигна 10.
Ова беше третата победа за ТФТ во дебитантската сезона во АБА2 лигата, по што тимот се враќа во Скопје, а веќе во вторник го очекува нов натпревар, дуел против Чаир во домашниот шампионат.
Утре од 12 часот, својот последен натпревар на овој турнир ќе го играат и кошаркарите на Пелистер и тоа против директниот конкурент на табелата Златибор, кој како и битолчани и Сутјеска која пелистерци вчера ја победија имаат идентичен скор со 6 победи и 3 порази.