Како загревање за вечерашниот прв натпревар на машката сениорска репрезентација на Македонија на Мундијалот во Полска и Шведска, и дуелот со Норвешка, во салата Автокоманда, љубителите на ракометот, ќе може да проследат уште еден интересен натпревар.


Имено, единствениот женски македонски претставник на европската ракометна сцена, младиот тим на Ѓорче Петров ги продолжува натпреварите во ЕХФ Купот.

Ѓорчепетровки во осминафиналето за противник ја имаат полската екипа Еуробуд ЈКС Јарослав, против која двата натпревари ќе ги играат на домашен терен во Скопје.

Тоа е и голема шанса за популарните „Лавици“ од Ѓорче, да се изборат за пласман во следната, четвртфинална руна на ова натпреварување.

„Противникот е искусна екипа, а според квалитетот на полската лига секако дека треба да гледаме со респект. Заради искуството што го имаат им ја препуштаме улогата фаворит. Ние имаме наш стил, кој го негуваме и очекувам да го наметнеме. Домашниот терен е предност, но тоа не треба да не залажува ривалот е искусна екипа со неколку репрезентативки од Полска, Белорусија и Украина. Тоа се искусни ракометарки на возраст од 26-30 години. Мали проблеми ни прават и неколку повреди, но и сезонскиот грип, од причина што не можевме нормално да тренираме“,

изјави тренерот на ЖРК Ѓорче Петров Симе Симовски.

И двата натпревари ќе се играат во терминот од 18 часот, првиот вечерва, а вториот веќе утре (сабота), а може да ги гледате ВО ЖИВО на програмата на МРТ3..