Аргентина е првата селекции која обезбеди место во големото финале, а кој ќе биде противник на Гаучосите ќе дознаеме вечерва по одигрувањето на второто полуфинале, меѓу Франција и Мароко.

Аргентина го задржа максималниот ефект кога во прашање се настапите во полуфиналињата на Светските првенства. 

Гаучосите и по шести пат во исто толку одиграни полуфинални средби успеаја да ја минат претпоследната пречка и да се пласираат во завршниот натпревар, односно финалето. 

Предводени од фудбалскиот виртуоз Лионел Меси, но и бодрени од над 50.000 сонародници на стадионот „Лусaил“, во Доха, Аргентинците со 3-0 ја совладаа Хрватска. 

А, токму Меси одново беше во фокусот на вниманието. Со голот од пенал во 34.минута, го отвори резултатот, а од него започна и акцијата по која Алварез во 35-тата зголеми на 2-0. Истиот фудбалер во 69.минута ги постави конечните 3-0.

Така Аргентинците кои 2014-тата играа во финалето, одново се изборија за завршниот меч, во кој ќе атакуваат на третата шампионска круна, со што би го прекинале постот од дури 36 години во кои се немаат израдувано на светската титула. 

Кој ќе биде противник на Аргентина во неделното финале ќе дознаеме вечерва по одигруваето на второто полуфинале меѓу  Франција и Мароко,.