Вардар денес оствари клучна победа од 2:0 против екипата на Башкими во 30.коло од Првата македонска фудбалска лига.
Лидерот на табелата со овој триумф направи огромен чекор кон освојување на шампионската титула.
Првиот погодок го постигна Горан Закариќ во осмата минута од мечот по одлична центарпув на Цветковиќ. Вардар ја запечати победата во второто полувреме со погоди Бобан Николов за голема радост на „црвено-црните“ во Гостивар.
Натпреварот беше во сенка на несреќен случај кога еден навивач падна од трибината, по што веднаш му беше укажана лекарска помош. Медицинските екипи брзо реагираа на теренот, а според првичните информации повредениот навивач е во стабилна состојба и пренесен во болница.
Со овој триумф Вардар ја зголеми предноста на табелата на шест бода во однос на конкурентот Шкендија и се наоѓа многу блиску до шампионскиот трофеј.
На вториот денешен натпревар, Работнички и Пелистер одиграа драматичен дуел во борбата за опстанок кој заврши со поделба на бодови 3-3.
Работнички поведе рано преку Муарем во четвртата минута, но Пелистер брзо израмни со гол на Булатовиќ. Демири реализираше пенал во 26 минута за ново водство на домашните, а Дитмир Хоџа во 55 минута донесе 3:1.
Пелистер не се предаде и преку Петковски во 80 минута намали на 3:2. Во самиот финиш, Мирко Ивановски со погодок во 92 минута донесе израмнување 3:3. Битолчани имаа шанса и за целосен пресврт во 95 минута, но Ондоа успеа да одбрани.
Со овој бод, Пелистер се изедначи со Брера на осмото место со 33 бода, но има подобра гол разлика. Работнички останува претпоследен со 29 бода, зад Македонија ЃП која има 30 и е десетта.
ПРВА ЛИГА – 30 КОЛО
Сабота 2 мај
РАБОТНИЧКИ – ПЕЛИСТЕР 3-3
БАШКИМИ – ВАРДАР 0-2
Недела 3 мај
16.00 СТРУГА Т.Л. – АП БРЕРА
16.00 ТИКВЕШ – АРСИМИ
Петок 1 мај
СИЛЕКС – ШКЕНДИЈА 1-1
ШКУПИ – МАКЕДОНИЈА Ѓ.П. 0-4



























