Два супер важни натпревари носи денешниот дел во Првата македонска фудбалска лига. На програмата се дуели од 30.коло што ќе се играат во Гостивар и Скопје.
Лидерот на табелата скопски Вардар гостува кај Башкими на дуелот што ќе се игра во Гостивар, поради суспензијата на кумановскиот терен.
Вардарци пред само пет дена се радуваа на победата на Башкими кој славеше на гости кај Шкендија. Тие три бода кои „недостасуваат“ на контото на тетовци се и моменталната разлика во полза на вардарци, во трката за титулата. Но, сега црвено-црните се оние кои треба да се „справат“ со кумановската екипа. Вчерашното „реми“ на Шкендија во Кратово, и евентуален триумф денеска на Вардар, би го доближил скопскиот тим до шампионскиот трофеј.
Но, кој ќе биде исходот од дуелот Башкими – Вардар останува да видиме по натпреварот што ќе почне од 16 часот.
Истовремено, во Скопје, екипите на Работнички и Пелистер ќе водат борба за опстанок.
Двата тима во моментов се на позициите што водат во Втората лига, а заедно со АП Брера и Македонија Ѓ.П. се борат за местата што носат бараж за опстанок. Домашниот состав на Работнички заостанува за 4-5 бода, во однос на конкуренцијата. Затоа денешниот меч за „романтичарите“ може да се опише како Хамлетовски „да се биде или не“.
ПРВА ЛИГА – 30 КОЛО
Сабота 2 мај
16.00 РАБОТНИЧКИ – ПЕЛИСТЕР
16.00 БАШКИМИ – ВАРДАР
Недела 3 мај
16.00 СТРУГА Т.Л. – АП БРЕРА
16.00 ТИКВЕШ – АРСИМИ
Петок 1 мај
СИЛЕКС – ШКЕНДИЈА 1-1
ШКУПИ – МАКЕДОНИЈА Ѓ.П. 0-4



































