Екипата на Бутел се пласираше во големото финале од плеј-офот за влез во кошаркарската Супер лига по триумфот над Соколи во Штип.
Гостите славеа со 86:83 во решавачкиот натпревар, со што ја добија полуфиналната серија против подобро рангираниот противник со вкупни 2-1 во победи.
Клучниот момент на средбата се случи во самиот финиш кога младиот Андоновски постигна поени за конечен исход и голема радост на скопскиот тим. Искусниот Караколев имаше последен обид да го однесе мечот во продолжение, но неговиот шут не заврши во кошот на гостинската екипа.
Интересен факт е што во оваа серија ниту еден тим не успеа да победи на домашен терен, што ја потврди израмнетоста на ривалите.
Најистакнат поединец кај победниците беше искусниот Хот со 27 поени, додека Јанески додаде 15, а младиот Андоновски мечот го заврши со 14 поени. Кај тимот на Соколи 1933 најпрецизен беше Митевски со 15 поени, додека Караколев и Костадинов постигнаа по 14 реализации во тесниот пораз.
Во финалето за влез во елитата Бутел ќе се соочи со Струмица, која претходно со 2-0 во победи, го елиминираше составот на Борец Баскет.



































