Супер интересно беше „балканското“ дерби во НБА лигата во кое ЛА Лејкерси славеа на Денвер по продолжение со 127-125.
Победничкиот кош за Лејкерси го постигна Лука Дончиќ на пола секунда до крајот, а потоа го изблокира обидот на Тим Хардавеј Џуниор.
Гостите од Денвер беа пред победа во регуларниот дел кога водеа со 115-118 на 4.секунди пред крајот. Сепак, Остин Ривс реализира едно слободно фрлање, второто намерно го промаши, но дојде до топката и погоди за израмнување 118-118.
Ривс натпреварот го заврши како најефикасен со 31 поени, а беше голема поддршка за Дончиќ. Словенецот оствари трипл-дабл со 30 поени, 13 асистенции и 11 скока.
На спротивната страна и Никола Јокиќ имаше троен ефект, 27-ми сезонава. Србинот заврши со 24 поени, 16 скока и 14 асистенции .




































