Главните претенденти за шампионскиот трофеј во Првата македонска фудбалска лига, Вардар и Шкендија со три бода разлика ќе ја почнат завршната етапа. Ова откако во дуелите 22 коло вардарци се радуваа во Кратово, а тетовци одиграа ,,реми”. Така, разликата меѓу овие два тима, по двете завршени етапи е три бода.

На натпреварот во Кратово, Вардар го победи Силекс со 0-1. Од 26-та минута домаќините и играа со играч помалку. Судијата Игор Стојчевски од само нему познати причини му додели втор жолт картон на напаѓачот Додев, кој во солзи го напушти теренот.

Вардарци искористија бројчаната предност на теренот и стигнаа до победата со голот на Цветковиќ во 43-тата минута.

На натпреварот во Тетово, еден црвен картон за домаќините и по еден гол во двете мрежи.

Шкендија и струмичка Брера одиграа без победник 1-1. Фетаи во 16.минута заработи директен црвен картон. Но, и со играч помалку тетовци постигнаа гол преку Красниќи во 33-тата минута.

Судијата Фатмир Бафто, второто полувреме го продолжи седум минути, а во петата од дополнувањето Брера постигна гол за израмнување на 1-1. Домашната одбрана беше „матирана“ во три потега со голот на Велковски, по фантастичната, навремена и убава асистенција, на младинскиот репрезентативец Никола Величковски.

Како прво рангирани, вардарци ќе го почнат последниот, трет дел од првенството во кој ќе се играат уште 11 кола. Воедно скопјани ќе ја имаат предноста на домашен терен и во последната рунда ќе ја пречекаат Шкендија.

Standings provided by Sofascore