Прволигашката фудбалска конкуренција денеска носи два нови натпревари од 22-то коло. Главните претенденти за шампионскиот трофеј, Вардар и Шкендија денеска се во трка за нови бодови.
Лидерот на табелата скопски Вардар денеска го чека тешко гостување во Кратово, кај традиционалниот ривал Силекс.
Вардарци во овој натпревар влегуваат по серијата три натпревар без победа. Пред само четири дена тие го претрпеа и првиот овосезонски пораз и тоа во дуелот со директниот конкурент Шкендија на домашен терен. Дека формата на избраниците на Седлоски не е најсјајна беше најавата во Купот кога беа елиминирани од второлигашот Охрид.
Силекс пак на последните три натпревари впиша два триумфи, а во Битола во четвртокот одигра без голови со Пелистер. Кратовци, иако се четврти на табелата, сепак се далеку од конкуренцијата која се бори за шампионскиот трофеј. Избраниците на Васоски шансата за излез на европската сцена ќе ја бараат преку Купот во кој обезбедија полуфинале.
Актуелниот првак Шкендија, по завршувањето на обврските на европската сцена, сега целосно може да се посвети на домашното првенство. тетовци денеска пред своите симпатизери ја пречекуваат струмичка Брера. Гостинската екипа во овој натпревар влегува како аутсајдер од седмата позиција на табелата, во желба да остане не поразена.
Во овие натпревари што ќе почнат од 14 часот, Варда ќе влезе со само бод предност во однос на Шкендија. Можна ли е промена на врвот ба табелата, останува да видиме.





































