Кошаркарите на Гостивар ја забележаа петата победа во низа во Првата лига.
Гостиварци пред своите симпатизери славеа важен триумф во дуелот со кавадаречки Еуро Никел и тоа убедлив со 20 поени разлика 86-66. Иако првото полувреме кое домаќините го добија со само четири разлика (37-33) не навестуваше ваков крај, сепак во второто составот на Малинков одигра неверојатно, особено во последната четвртина која ја доби со 28-16.
Четворица играчи во победничката екипа средбата ја завршија со двоцифрен број на постигнати поени, а најмногу, Грузиецот; корсантија 24, додека босанскиот интернационалец Вучковиќ придодаде 20, а Ефремовски уфрли 17 поени.
Планиниќ со 25 поени беше најефикасниот играч кај гостите, но и на натпреварот.
Со оваа победа и вкупно 14 Гостивар е на делба на третото и четвртото место на табелата со ТФТ Моцарт, кој денеска славеше против Струмица. Победа на домашен терен оствари и Работнички против Чаир.
Денешната програма од 20-тото коло ќе ја заокружат Пелистер и Феникс со дуелот што се игра во Битола.