Шкотскиот премиерлигаш Хартс официјално го потврди трансферот на репрезентативецот на Уганда, Роџерс Мато. Крилниот напаѓач потпиша преддоговор кој ќе стапи на сила во јули 2026 година, веднаш по истекот на неговите обврски кон ФК Вардар.

„Со задоволство објавуваме дека постигнавме договор со интернационалец од Уганда, Роџерс Мато да стане играч на Хартс ова лето. 22-годишникот ќе се приклучи на клубот во јули, по истекот на неговиот договор со северно македонскиот тим „Вардар“, и ќе потпише тригодишен договор“, стои во соопштението Хартс.

Според правилата на ФИФА, бидејќи му преостануваат помалку од шест месеци од актуелниот договор, Мато имаше право да преговара со заинтересирани клубови. Договорот со Хартс е со важност од три години и ќе го задржи во Единбург до 2029 година.

Иако трансферот е официјализиран, тој ќе остане во Скопје до крајот на тековната сезона. По завршувањето на обврските кон Вардар, Мато ќе се пресели во Шкотска без никакво обесштетување за македонската страна. Овој потег претставува значаен чекор во кариерата на брзоногиот напаѓач кој ќе има можност да се докаже во шкотската Премиер лига.

Овој развој на настаните претставува сериозен удар за раководството на ФК Вардар. Клубот претходно одби понуди кои се движеа околу 300.000 евра до 350.000 евра, надевајќи се дека ќе наплати сума од 1,5 милиони евра. Оваа „коцка“ на управата се покажа како катастрофална.

Следете нé на социјалните мрежи