Попладнево во Првата македонска фудбалска лига се одиграа два натпревари од седмото коло.
Дербито од оваа рунда се играше во Кратово каде Силекс ја пречека Струга Трим Лим која славеше со 1-3.
Првата шанса ја имаат домаќините во шестата минута, но немаа среќа бидејќи ја погодија рамката од голот на стружани. Затоа само минута подоцна на спротивната страна Компаоре беше сигурен и донесе предност на Струга ТЛ со 0-1. Кратовци се обидуваа да стигнат до израмнување, но јалови беа нивните напади. Затоа во 33.минута младиот Хамза со прекрасен гол од слободен удар донесе два гола предност за стружани. Сепак домаќините не се предадоа и продолжија со нападите. Тоа донесе и резултат во 42.минута кога Босанецот, Хрвановиќ намали на 1-2.
Во второто полувреме бројни шанси имаа двете екипи. Особено ова важеше да домашните фудбалери кои се изнапромашуваа од речиси идеални можности, но недостасуваше реализација. И кога кратовци не ги искористија своите можност, казната дојде во судиското дополнение (90+2). Со фантастичниот гол на Зенку, екипата на Струга ја потврди победата и трите бода, со кои изби на првото место на табелата со 19 бодобо колку што има и Вардар. Силекс останува на 3.место со 15 бодови, само еден повеќе од шампионот Шкендија која има еден натпревар помалку.
На вториот натпревар одигран во Струмица, каде АП Брера го пречека Арсими натпреварот заврши 2-1.
Иако гостите во 34.минута први поведоа (0-1), сепак струмичани успеаја да направат комплетен пресврт. За тоа се погрижија Наумчевски во 44.минута и Тодоров со прекрасниот гол на Тодоров во 54.минута за победа на АП Брера од 2-1
Оваа рунда, што стартуваше во саботата, ќе биде комплетирана утре со натпреварот во Битола меѓу Пелистер и Башкими.




































