Во првиот натпревар од меѓународниот турнир во Охрид, ракометарите на Вардар го совладаа Динамо Панчево со 29-27.

Ова беше водениот меч на четвртото издание на турнирот „Крсте Андоновски“, воедно и прва од Б групата, во која се и Еурофарм пелистер и словенечкиот Тримо Трбење.

Уште од почетокот на натпреварот вардарци потврдија дека се фаворити во овој меч. На моменти Вардар имаше и убедлива предност, а најголемата изнесуваше седум голови. Во вториот дел убедливото водство му овозможи на вардаровиот тренер Чупиќ шанса да им даде на сите ракометари. Инаку Чупиќ на овој меч не можеше да смета на повредените Борозан и Стаменковиќ, а не играа ниту Пинто, Лазаревски и Еспиња.

Најефикасни во победничкиот тим беа Анастасовски со шест и Хоригија со 5 гола, додека Богдановиќ со седум се истакна во тимот од Панчева.

Утре Вардар ќе има слободен ден, а во четвртик ќе игра против Еурофарм Пелистер, кој мечот од 1.коло од оваа група против Тримо Трбење ќе го игра утре.

Денеска на турнирот ќе се одиграат двата натпревари од 1.коло од А групата.

Во терминот од 18.45 часот домаќинот Охрид за противник ќе ја има екипата на Киндал Торшавн од Фарските Острови. Во вечерниот термин од 21 часот ќе играат српскиот Партизан и Нексе од Хрватска.