Пејсерс го срушија Њујорк и се вратија во големото финале по 25 години
Екипата на Индијана Пејсер е втората што обезбеди пласман во големото НБА финале и ќе се бори за шампионскиот трофеј.
Пејсерс испишаа нова страница во својата историја, совладувајќи ги Њујорк Никс со 125-108 во шестиот натпревар од финалето на Источната конференција. Со оваа победа, тимот од Индијанаполис избори пласман во големото НБА финале првпат по 2000 година.
Во натпреварот одигран пред преполна сала во Индијана, Пејсерс беа доминантни од самиот почеток. Тимот покажа зрелост, енергија и тимска хемија, која ги водеше низ целата плејоф-серија против тврдите Никси.
Сиакам и Халибартон – двоецот што ги носи Пејсерс до историја
Паскал Сиакам беше најпрецизен со 31 поен, дополнети со 5 скока и 3 асистенции, додека Тајрис Халибартон ја презеде одговорноста во последната четвртина, постигнувајќи 11 од своите вкупни 21 поен, заедно со 13 асистенции.
Голем придонес имаше и Ендру Нембхард, кој блесна со одлична игра со 14 поени, 8 асистенции и дури 6 украдени топки. Пејсерс демонстрираа длабочина во „ростерот“ и зрелост во клучните моменти.

Оклахома ја освојува Западната конференција – судир на млади сили во финалето
Оклахома Сити Тандер го освои Западот и обезбеди своја прва финална серија по 2012 година. Тимот предводен од младиот Шеј Гилџес-Александер ќе има предност на домашен терен во серијата против Индијана.
Ова ќе биде финале исполнето со млади ѕвезди, свежа енергија и две екипи кои ретко се гледаат на оваа сцена, што ветува неизвесна и атрактивна серија.

Финалето почнува во Оклахома Сити
Првиот натпревар од големото финале е закажан за петок во 2:30 часот по полноќ во „Пејком Центар“ во Оклахома Сити. Финалната серија се игра во летири добиени натпревари по принципот (2-2-1-1-1 / дома-гости..)
Љубителите на кошарката низ целиот свет со нетрпение ќе ги следат овие две екипи кои ја претставуваат иднината на НБА.