Индијана Пејсерс направи огромен исчекор кон финалето на НБА лигата, совладувајќи ги Њујорк Никс со 130-121 на домашен терен. Со тоа Пејсерси поведоа со 3-1 во финалната серија од Источната конференција. Тимот од Индијанаполис сега е само една победа далеку од првото НБА финале по 25 години.

Вечерта ја одбележа фантастичниот Тајрис Халибартон, кој испиша историја со трипл-дабл учинок од 32 поени, 15 асистенции и 12 скока – без ниту една изгубена топка. Со тоа, Халибартон стана првиот играч во историјата на НБА плејофот со ваков статистички ефект.

Пејсерси уште од самиот старт ја контролираа играта и не дозволија повторно изненадување од Никсите на свој терен. Покрај Халибартон, блескаа и Паскал Сиакам со 30 поени и 5 скока.

На спротивната страна, најдобар поединец беше Џејлен Брансон со 31 поен и 5 асистенции, а Карл-Ентони Таунс додаде 24 поени и 12 скока. Сепак, тоа не беше доволно за Никсите да се вратат во серијата.

Индијана сега има златна шанса да го затвори полуфиналето во следниот меч и да се пласира во големото финале. Последното Пејсерси го играа во 2000 година, кога беа запрени од моќните Лејкерси на Коби Брајант и Шакил О’Нил.