Екипата на ТФТ прв пат ќе игра во финалето на плеј-офот во кое ќе го предизвика актуелниот шампион МЗТ Скопје.

Тренерот Боро Смилковски е вечен оптимист кога станува збор за шансите и амбициите на ТФТ. Така е и пред првиот меч од финалната серија што ќе се игра денеска.

„Сезоната ја почнавме без резултатски императив. Но добриот старт што го имавме полека ни наметна да размислуваме за нешто повеќе.

Дополнителните промени во составот, ангажманот на неколку нови игрчи како Браун, Ташовски и Василевски, ни дадоа право да сметаме на повеќе во оваа сезона“- вели Смилковски.

Особено добро екипата играше во финалниот дел од сезоната, почнувајќи од првите мечеви од плеј-офот:

„Ми се чини дека ‘кликнавме’ во финишот на сезоната, добрата форма и хемија која ја имавме цела година се преслика и во доигрувањето и успешните серии против Чаир и Работнички.

Затоа кај нас преовладува чувството дека заслужено се пласиравме во историско финале“.

Последната пречка е и највисоката, МЗТ Скопје, екипа која ТФТ никогаш досега не ја победил на гостувањата во Аеродром. Сезонваа ТФТ има 1-1 во меѓусебните дуели со МЗТ Скопје, во својата историја се уште не ги победил „металците“ во Аеродром.

„Нè чека финале против МЗТ, онака, ‘на хартија’, дуел помеѓу Давид и Голијат.

Го респектираме противникот, меѓутоа мислам дека научивме како да се респектираме и себеси, а токму тоа ни даде дополнителна доза на самодоверба и верба дека можеме и повеќе до крајната цел – историска титула за ТФТ.

Едноставно е, ќе мораме да победиме барем еднаш во Аеродром, зошто не би било тоа веќе на првиот натпревар? “- вели тренерот на ТФТ пред почетокот на финалето.

Вечерашпниот, прва натпревар межу МЗТ Скопје и ТФТ ќе се игра во терминот од 19.30 часот.