Најдобриот тим во регуларниот дел од сезоната во НБА лигата, Кливленд е пред елиминација во плеј-офот.
Кавси и трет пат беа поразени од Индијана во полуфиналето во источната конференција. Индијана синоќа славеше со 129:109 и поведе со 3-1, па сега Пејсерс ги дели само една победа од пласман во финалето на истокот.
Победникот беше решен практично во првото полувреме кое Индијана го доби со 41 поен разлика 80:39.
Во вториот дел, во тимот на Кливленд не играше нивниот најдобар кошаркар Донован Мичел. Тој почувствувал болка во зглобот при загревањето, па останал надвор од теренот до крајот на натпреварот.
Тренерот Кени Аткинсон по натпреварот изјави дека Мичел ќе има магнетна резонанца и дека не може со сигурност да каже дали ќе го пропушти следниот натпревар .