Во Малта започна Европското првенство во снукер, на кое Македонија има петмина свои  претставници.

Двократниот првак Берат Јашари е предводник на новата генерација играчи, кои доаѓаат откако во 2019 година Павле Данилов ја постигна првата победа за Македонија на ЕП во Португалија.

Заедно со него во Малта се уште Петар Панов, Владо Матоски, Петар Колоски и Влатко Јанев.

„Сите играат на добро ниво. Во овој момент Берат Јашари се издвојува и мислам дека тој може да изненади некого во Малта. Има капацитет за тоа. И Петар Панов има природен талент, а другите се веднаш зад нив. Генерално, нема потреба да учат за техниката, туку повеќе за меч тактиката. Би типувал дека Берат ќе добие шанса да влезе во елиминациските дуели,- изјави Најџел Бонд, прославениот снукер играч, кој минатата година се повлече од професионалните настапи и ги предводеше подготовките на играчите од Македонија. Нашите момци имаа напорна недела со подготовките, па потоа со патувањето до Малта. Им посакувам да останат фокусирани и сконцентрирани, во снукерот шансата доаѓа кога некој најмалку се надева. Ова е силен турнир, но цврсто верувам дека како федерација направивме сѐ што можевме за одлично да се презентираме. Минатата година на ЕП во Албанија ниту еден играч не успеа да ја мине групната фаза, оваа година очекувам дека ќе имаме претставник и во елиминациските дуели“, изјави Лазар Лазаревски, претседател на Снукер асоцијацијата.

Натпреварите во Малта се играат во хотелот Долмен, а првенството е во комплетна организација на европската федерација ЕБСА.