На трите натпревари одиграни во НБА плеј-офот победи остварија домашните тимови. Оклахома и Индијана ги впишаа вторите победи, а ЛА Лејкерс првата.
Откако беа непријатно изненадени на првиот меч пред својата публика од Минесота, кошаркарите на ЛА Лејкерс не дозволија ново. Предводени од Лука Дончиќ тие во вториот меч славеа над Тимбервулфс со 94:85.
На Дончиќ му фалеше еден скок да оствари трипл-дабл, па натпреварот го заврши со 31 поен, 12 скока и девет асистенции. Словенецот имаше поддршка од Леброн Џејмс кој постигна 21 поен, со 11 скока и седум асистенции.
Сега резултатот е израмнет на 1:1 во победи, а серијата се сели во Минесота каде ќе се играат следните два натпревари.
Оклахома Сити Тандер покажаа зошто беа најдобри во регуларниот дел од сезоната и остварија нова победа над Мемфис со118:99.
Најдобри за Тандер беа Шаи Гилгеус-Александер со 27 поени и 8 скока, Џејлен Вилијамс постигна 24 поени, а Чет Холмгрен имаше 20 поени со 11 скока. Кај Мемфис, Џерен Џексон постигна 26 поени, Џа Морант додаде 23, а Дезмонд Бејн имаше дабл-дабл со 19 поени со 12 скока.
По водството од 2:0 во победи, следните два меча се играат во Мемфис.
Демијан Лилард се врати во тимот на Милвоки Бакс, но тоа не беше доволно за победа против Индијана. И во вториот меч поуспешни беа Пејсерси кои победија со 123:115 за водство од 2-0 во серијата.
Кај победникот се истакнаа Паскал Сијакам со 24 поени и 11 скока, а Тајрис Халибартон со 21 поен и 12 асистенции. За Бакс, Џанис Антетокунмпо постигна 34 поени, забележа 18 скока, додека Боби Портис заврши со 28 поени и 12 скока.



































