Кошаркарите на Гостивар ја остварија седмата победа сезонава во прволигашката конкуренција, со која ги одржаа надежите за место во плејофот.
Во последниот натпревар од 18.коло, Гостивар на гостувањето во Гевгелија го совлада Кожув со 105-102.
Откако двата тима добија по едена четвртина, со ист резултат (28-25, 25-28), на полувремето се замина со израмнети 53-53. Решавачка се покажа третата четвртина која гостите од Гостивар ја добија со десет разлика (23-33).
Домашниот состав постојано го „бркаше“ резултатот, а Гостивар имаше и најголеми +13. Кожув успеа да се доближи на -3, а во завршните 15 секунди и на -1. Сепак искусниот Ненад Зивчевиќ по брзата контра ја врати разликата, а обидот на Бојчев за израмнување не беше прецизен. Така Гостивар стигна до победата со конечни 102-105.
Така бадијала останаа 34 поени на Колев и 25-те на Пилепиќ, кога Кожув на крајот претрпе пораз. Во победничката екипа петмина играчи имаа двоцифрен број на поени, а по 23 постигнаа Митевски и Елис.
Гостивар сега е деветти со 25 бодови колку што има и Тиквеш на 10.место, а два помалку од Феникс кој е осми. Кожув пак со 28 бодови е шесто рангиран.




































