Актуелниот шампион Еурофарм Пелистер станува „ноќна мора“ за тимот на Охрид. Битолскиот тим повторно славеше против охриѓани кои никако да извлечат барем бод.
Во дуелот од 18.коло на Супер лигата одигран во Охрид, тимот на Еурофарм Пелистер славеше со 27-25.
Домаќините беа рамноправи во воведните минути се до 4-4, по што гостите направија серија од 5-1 и веќе создадоа солидна предност (9-5). Охрид заигра поцврсто во одбраната и успеа да израмни на 13-13, но Пелистер со нова низа во финишот, замина на одмор со +3 (16-13).
Иста слика на теренот и во второто полувреме, во кое охриѓани постојано бркаа негатива, а битолчани не дозволија израмнување. Во повеќе наврати Охрид беше на -1, ни никако не успеа да го израмни резултатот. Митревски и Ивиќ секогаш беа последната пречка за тоа.
Осама Хосни со седум голови беше прв стрелец во победничкиот тим, а Домен Тајник додаде пет. Кај Охрид најефикасен со шест гола беше Теимураз Орјоникидѕе.
Еурофарм Пелистер се врати на второто место на табелата зад Алкалоид и пред Вадар, а трите тима имаат по 32 бодови. Лидерот Алкалоид утре ќе го игра својот натпревар од ова коло против Ф.Л. Бисинов, а во следното гостува во Битола.