ФК Вардар вториот дел од сезоната во ПМФЛ ќе го дочека со речиси половина нов тим. Вардарци беа исклучително активни на фудбалскиот пазар во текот на зимскиот преоден рок.

Откако тим ја прекина соработката и им се заблагодари на повеќемина доскорешни играчи, во трансфер периодот беа донесени вкупно дванаесетмина нови фудбалери.

Седуммина од нив се македонци, а петмина странци. Предводени од тренерот Гоце Седлоски, тие заедно со останатите, првенствено ќе имаат задача за опстанок во прволигашкото друштво.

Вардар вториот дел од сезоната ќе го стартува од претпоследното 13.место со 13 бодови колку што има и Беса на 12-тото, а бод повеќе од Воска која е последна. Останатите конкуренти за прволигашки статус се Тиквеш (14), па и Струмица Брера и Пелистер (19 бодови).

Сепак, вардарци се надеваат и на повисок пласман, а пред се одличен настап во Купот на Македонија. Преку ова натпреварување ќе се брка и излез на европската сцена. Црвено-црните во четвртфиналето за противник ќе го имаат Силекс кој заврши како првопласиран по есенскиот дел од сезоната.

Како ќе изгледа „новиот“ Вардар ќе видиме на 16 февруари за кога е закажан првиот натпревар од продолжението на сезоната. Во него вардарци за противник ќе ја имаат тетовска Шкендија која е втора на табелата со ист број на бодови (37) како водечкиот Силекс и трет рангираниот Работнички.

Новите засилувања во тимот на Вардар се:

Давор Талески – Македонија
Георгије Јанкулов – Македонија
Михаил Маневски – Македонија
Едиз Спахиу – Македонија
Мите Цикарски – Македонија
Димитар Тодоровски – Македонија
Михаил Талевски – Македонија
Мичал Пинтер – Словачка
Мислав Матиќ – Хрватска
Фаустин Сенгхор – Сенегал
Мато Кассим Рогерс – Уганда
Мануел Куестас – Аргентина