Петчасовната сага во хотелот „Александар Палас“ каде се одржуваше годишното Собрание на МКФ не го доживеа својот крај.
Имено Кошаркарската федерација на Македонија и во наредниот период ќе ја предводи Перо Антиќ.
Членовите 39 од вкупно 46 колку што имаа право на глас, јасно ставија до знаење, дека сакаат промени. Сепак, актуелниот претседател Антиќ и неговиот адвокатски тим, не дозволија на дневен ред да биде поставена таа точка.
Повикувајќи се на член од статутот со кој предвидува две годишен гарантиран мандат на претседателот, Антиќ и неговиот тим, не дозволија ниту да почне дискусија за тоа.
Ценејќи дека барањето на клубовите не е според статутот и актите, Антиќ го затвори собранието.
Така не беше усвоен ниту дневниот ред, а со тоа ниту завршниот финансиски извештај. Имајќи во предвид дека федерацијата мора да достави финансиски извештај до крајот на годината, како и иницијативата за промени во МКФ, јасно е дека многу брзо ќе следува ново (веројатно и изборно) собрание.
Инаку Собранието мина во жолчни расправии и беспредметни дискусии во кои предничеле поранешниот градоначалници на општина Центар, Саша Богдановиќ.