На трите одиграни натпревари од 20.коло во Првата машка кошаркарска лига, победи забележаа домашните екипи.

Во првиот натпревар од рунда одигран во Битола, Пелистер очекувано и убедливо забележа триумф во дуелот со Куманово кој пружи отпор само во првата четвртина која заврши нерешено 24-24. Во останатите три периоди пелистерци доминираа и на крајот заслужено славеа со 34 разлика.

Во реприза на четвртфиналето до Купот на Македонија, одигран пред дваесетина дена, екипата на ТФТ Моцар го совлада Работнички сега во првенствениот дуел. Натпреварот беше решен по дополнителните пет минути игра, откако регуларниот дел заврши нерешено 80-80. Во продолжението повеќе концентрација, нерви и среќа имаа домаќините.

Во последниот денешен натпревар одиграни во Јане Сандански, екипата на Феникс стигна до победа над Чаир и тоа благодарение на подобрата игра во вториот дел, откако првиот го добија гостите со пет разлика, за на крајот домашниот тим да слави со 8 разлика.

ПРВА ЛИГА 20.КОЛО
ПЕТОК
ПЕЛИСТЕР – КУМАНОВО 104-70
ТФТ МОЦАРТ – РАБОТНИЧКИ 92-89 (80-80)
ФЕНИКС – ЧАИР 75-67
САБОТА
ГОСТИВАР – АКАДЕМИЈА ФМП 17:00
КОЖУВ – ЕУРО НИКЕЛ 18:00
ПОНЕДЕЛНИК
СТРУМИЦА – МЗТ СКОПЈЕ А. 17:00