Се вжештува атмосферата пред утрешното годишно Собрание на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ), закажано за 12 часот во х. „Александар Палас“. 

Вчера излезе информацијата како Перо Антиќ со помош на татко му, роднини, кумови, итн, итн, го добил вториот мандат.

Перо Антиќ се жали на притисоци, а заборави како дојде на претседателското столче – MОЈА Е ФЕДЕРАЦИЈАТА ! (ВИДЕО)

Тој денеска излезе со реакција до иницијативниот одбор за промени. Во денешното соопштени, објавено на страната на федерацијата (овде), Антиќ меѓу другото вели:

„Не е етички и морално, некој поединец или група наречена ‘иницијативен одбор’ да врши притисоци врз клубовите со закани и уцени…

Кога ќе заврши редовната седница на Собранието на КФСМ ќе бидеме приморани да излеземе со докази прибавени во изминатите неколку месеци кои ќе ја прикажат тортурата со која се соочуваа клубовите.

Раздорот што поединци го прават неколку месеци наназад е веќе пријавен во повисоки инстанци, а започнат е и процес со FIBA која е веќе запознаена за случувањата во македонската кошарка. Од вакви однесувања на поединци и групи штета трпи само македонската кошарка.“

Сепак, објаснувајќи ја техничката постапка за избор на претседател, Антиќ заборави да одговори како неговиот татко бил претставник на КК Работнички на споменатото собрание!?
Тој не објасни како Генералниот секретар, негови братучеди, кумови, кумашини, па и вработени во федерацијата, имале т.н. полномошно од клубовите!?

Антиќ, тоа го образложува на следниот начин.

„Преставниците на членките со право на глас на федерацијата, клубови и комисии, ги стекнуваат правата и должностите како преставници во Собранието со верификација на приложено оверено полномошно, со печат на преставникот и потпис на одговорното лице.
Полномошното го даваат по своја волја.’“

Повеќе од јасно дека Перо Антиќ, одговор од овие, но и многу други прашања, ќе мора да даде утре на Собранието, на кое се очекува да биде гласано и за негова доверба.