Во првото полуфинале на Европското првенство кај дамите, силите ги одмерија Норвешка и Унгарија.
Репрезентацијата на Норвешка со убедлива победа над Унгарија со 30:22 се пласираше во финалето.
Норвешка го започна полуфиналниот дуел со одличен ритам, поведувајќи со 4:1 уште во раните минути.
Унгарија во деветтата минута успеа да ја намали разликата на 6:4. И покрај нивните обиди да израмнат, Норвежанките одржуваа стабилна предност. Во 21-та минута, со одлична игра, Норвешка повторно се одлепи на +4 (12:8). На крајот на првото полувреме, резултатот изнесуваше 13:11 во корист на Норвешка.
Во второто полувреме, Норвешка започна силно со серија од 3-1, зголемувајќи ја предноста на 16:12. Тие успеаја да ја задржат контролата и стабилното водство во наредните минути. Норвежанките беа доминантни и во 46-тата минута ја зголемија предноста на убедливи +8 (24:16). Унгарија, со многу технички грешки и промашени шанси, не успеа да најде начин да се врати во игра.
Норвешка ја заокружи својата одлична игра со убедлива победа, завршувајќи со конечен резултат 30:22.
Во второто полуфинале светскиот шампион Франција ја има за противник репрезентацијата на Данска.
Ивона Кимовска