Македонската машка ракометна репрезентација денеска го почнува новиот циклус на квалификации, овој за Европското првенство 2026 година.

Во првиот од трите круга на натпревари, македонските ракометари ќе одиграат два натпревари. Квалификациите црвено-жолтите ќе ги полнат пред домашната публика во Скопје каде ќе гостува селекцијата на Естонија.

Традицијата во меѓусебните дуели е на наша страна. Три од четирите досегашни натпревари Македонија ги реши во своја полза, а само еден заврши со нерешен резултат. Последните ги игравме во квалификациите за ЕП 2011-та, кога во Скопје славевме со 5, а на гости со 6 разлика.

Селекторот Кирил Лазаров, за овие дуели повика 20-мина ракометари, меѓу кои ги нема искусните Филип Талевски и Никола Митревски. Сепак Лазаров истакна дека овие двајца не се „опишани“ од националниот тим, туку во овој квалификациски циклус, сака да им даде шанса и да испроба неколкумина млади ракометари.

Лазаров, како и секогаш, сепак беше внимателен во однос на очекувањата, потенцирајќи дека ќе треба на секој натпревар да му се пристапи многу сериозно.

Вечерашниот натпревар меѓу Македонија – Естонија ќе се игра во СЦ „Борис Трајковски“, а ќе почне од 20 часот. Вториот дуел од нашата „А“ група меѓу Словенија и Литванија ќе се игра утре.

Пласман на европскиот шампионатот што ќе се одржи во Данска, Шведска и Норвешка (15 јануари до 1 февруари 2026 година), ќе обезбедат двете првопласирани репрезентации.