По подолг период раководството на Македонската кошаркарска федерација (МКФ) на средба со медиумите. На средбата со новинарите, беа пренесени голем дел од случувањата кои се актуелни периодов.
Претседателот Перо Антиќ започна со зборовите дека голем дел од клубовите биле под притисок, не потенцирајќи каков и од кого.
„Свесни сме за шпекулациите и за процесот што се случува во моментов.
Клубовите имаат притисок, ни се јавуваат ни кажуваат дека ги имаат. Од кого и какви, допрва ќе видиме“, изјави Антиќ.
Не е тајна (барем во кошаркарските кругови) дека огромен број на клубовите дале поддршка на иницијативата за промени во федерацијата.
Антиќ и неговите соработници истакнуваат дека се отворени за разговор и дека ќе се соочат со сите аргументи за и против.
Генералниот секретар Владимир Георгиевски дополни.
„Досега нема официјален документ доставен до федерацијата, некако се е на база на разговори, има разно-разни зборувања.
Не е проблем, можеме да се соочиме со програмите и со визиите на оние кои сметаат дека се подобри од нас, ако излезат со факти, каде се грешките, што не е направено.
Но досега индиректни странични објави, било каква иницијатива, нема поднесено. Лошо и илузорно е да дискутираме за нешто што не се случило. Ако нешто се промени, тука сме, ќе видиме“. изјави Георгиевски.