Со петте одиграни натпревари вчера стартуваше новата сезона во машката ракометна Супер лига на Македонија.

Во воведното коло ќе се игра и првото големо дерби.

Во салата Автокоманда, дуел на трето и второ пласираните екипи од минатата сезона. Освојувачот на Купот и Суперкупот, екипата на Алкалоид, го пречекува вицепрвакот Вардар.

Домаќините по освојувањето на Супер купот со победата над шампионот Еурофарм Пелистер, сигурно ќе имаат мотив повеќе да докажат дека освојувањето на трофејот не е случаен. Тие ќе ја имаат предноста на домашниот терен и се побројната публика која ја стекнуваат.

Но од друга страна Вардар е тим со традиција и реноме кое сака и во претстојната сезона да го докаже. Тренерот на вардарци Владо Недановски најави дека и годинава примарна цел е освојувањето на шампионскиот трофеј. Затоа црвено-црните сигурно ќе сакаат со победа да ја отворат сезоната, во која ќе имаат и обврски на европската сцена.

Лани во двата натпревари се радуваа вардарци, но тие сезонава имаат видно изменет тим, за разлика од Алкалоид кој ги задржа најголемиот дел од играчите.

Првото сезонско суперлигашко дерби меѓу Алкалоид и Вардар ќе почне во терминот од 19 часот.

Натпреварот ќе може да го ГЛЕДАТЕ ВО ЖИВО ОВДЕ.