Македонската кошарка и спортот воопшто е во тага, го загуби легендарниот Лазар Лечиќ. Синоќа во Скопје, на 85-годишна возраст почина легендата на мак-баскетот Лечиќ.
Лечиќ беше еден од основоположниците на македонската кошарка. Својата кариера Лечиќ како играч ја почна во Работнички во 1957 година. Во 1962 година токму во „Градски парк“ ја почна својата богатата тренерската кариера.
Неговата работа како врвен стручњак беше препознат од фелата во тогашна Југославија, па како асистент тренер на на репрезентацијата беше дел од тимот што го освои светското злато во 1970 година.
Лазо со својот шмек и досетливост знаеше како да ги придобие симпатиите не само на играчите со кои работеше, туку и на публиката, целокупната јавност.
Покрај, како што љубеше да каже „мојот Работнички“, Лечиќ од македонските екипи ги предводеше и МЗТ Скопје и гостиварски Никол Ферт. Надвор од Македонија, тој работеше во Борац Чачак, Олимпија Љубљана, Војводина и грчки Арис.
За својот придонес во македонскиот спорт Лазар Лечиќ добри бројни признанија меѓу кои на и највисокото државно признание „8 Септември“.
Погребот на Лечиќ ќе биде утре (14 август) на гробиштата Бутел, а телото ќе биде изложено во капелата од 10.30 до 11.30 часот.