Фудбалерите на Словенија и Данска ќе го играат својот прв натпревар, воедно и прв од „Ц“ групата на Европскиот шампионат во Германија. Двете репрезентации се полни со самодоверба и буквално ќе сакаат да си ги измерат силите.

СЛОВЕНИЈА

Словенија пак можеби делува како „аутсајдер” во групата, но не е противник што лесно може да се отпише. Словенците го имаат еден од најдобрите светски голмани во последните 10 години Јан Облак.

Тука е и младата надеж на нивната селекција Бенџамин Шешко, кој што „гази” се пред себе и пола Европа буквално се „тепа” за негов потпис. Не залудно се пласирани на ова Европско првенство во Германија и дефинитивно ќе се борат, за да докажат дека можат да бидат повеќе од само учесници.

ДАНСКА

Селекцијата на Данска е еден од редовните учесници на европските и светските шампионати. Нивниот најголем успех е на ЕП 1992 кога влегоа со „вајлд-карта” поради санкциите кон тогашна Југославија. Данците го искористиа „поклонот“ и го освоија шампионскиот трофеј. Минатото ЕП стигнаа до полуфиналето кое го загубија по продолженија од европскиот вице-првак Англија. Годинава аналитичарите и фановите не им даваат големи шанси на Данците, но тоа само значи мотив плус за да се докажат пред сите.

Со баланс на млад и енергичен и стар и искусен тим Данска ќе атакува за висок пласман. Борбата ќе биде тешка во нивната група бидејќи секоја селекција е доста „опасна”, а најголема опасност ќе им биде Англија.

Освен Словенија, Данците ќе се соочат и со Србија противник кој не треба да се потцени, не само ради квалитетот што го имаат туку и самата самодоверба што егзистира во целата нивна нација.

Терминот на овој натпревар е 16 часот. Силите Данска и Словенија ќе ги одмерат на „МХП Арена” во Штутгарт, град кој уживаше во квалитетен фудбал оваа сезона поради извонредните партии на нивниот матичен клуб.