Супер интересен и неизвесен натпревар одиграа кошаркарите на Армани Милано и Партизан. Дуелот од 28.коло во Евролигата му припадна на италијанскиот тим со 85-83.
Целиот натпревар мина во израмнета игра, па ниту една од екипите не успеаја да направи двоцифрена предност. Многупати се менуваа во водство, па победникот беше решаван во последните две минути.
Партизан влезе со предност од 78-80, на што „манекените“ на Армани, одговори со низа од 5-0 (83-80). Со поените на Зек Ледеј (2+1) по офанзивен скок, црно-белите израмнија на 28.6 секунди до крајот (83-83).
Одговорноста кај домаќините ја презеде Шевон Шилдс кој на 5,3 секунди погоди за водство на Армани 85-83. Зачудувачки токму Ледеј беше оној кој реши да оди до крај, но беше прекраток во обидот, па тимот од Милано славеше победа.
Со по 19 поени натпреварот го завршија Шилдс и Миротиќ во победничката, односно Аврамовиќ во поразената екипа.
Партизан останува 11-ти со ист број бодови како и 10-то рангираната Валенсија во трката за плејофот. Но, сега црно-белите имаат само една победа повеќе од Милано, Анадолу Ефес, Баерн Минхен и Жалгирис.
Борба за влез во плејофот допрва претстои.