Кој ќе игра во полуфиналето, Работнички или Гостивар, одговор на тоа прашање ќе го даде третиот натпревар од четвртфиналата серија помеѓу двата лути ривали.

Најтрофејниот клуб во нашата земја даде еден брутален „одговор“, дека е подготвен да оди понатаму, откако пред своите навивачи во СРЦ „Кале“, дојде до импресивна победа 80:53 по која резултатот во четвртфиналето сега е израмнет (1:1).

Кој ќе го добие вториот меч од серијата стана јасно уште по првата четвртина која „црвено-белите“, ја добија со +10 (21:11), а на полувремето имаа двојна предност со 43:21. Вториот дел беше само рутина, за на крајот Работнички да слави со +27 (80:53).

Петмина кошаркари кај победникот завршија со двоцифрен број на поени. Џелетовиќ реализираше 18, Шошкиќ 14, Малешевиќ 12, Умпиг 11, а Марковски заврши со 10 поени, додека кај поразените најефикасен беше Митевски со 15 поени.

Решавачкиот трет натпревар ќе се игра претстојниот викенд во Гостивар, а победникот од мајсторката во полуфиналето оди на мегдан на МЗТ Скопје Аеродром.