Македонија против Кипар го игра својот втор натпревар во втората рунда од претквалификациите за Европското првенство во 2029 година. Двете репрезентации влегуваат во овој дуел со дополнителен мотив по стартните победи над Австрија.
Селекторот Жозеп Марија Берокал бара максимална сериозност и дисциплина од своите избраници. Шпанскиот стратег ги предводи подготовките за дуелот и очекува комплетирање на составот со Ненад Димитријевиќ и Мозес Рајт.
„Ништо не е готово во оваа фаза од претквалификациите. Секоја победа секако нè носи поблиску до целта, па затоа сме фокусирани на тренинзите и подготовките за следниот меч. Го анализираме тимот, опциите што ги имаме, работиме на деталите, а истовремено ги следиме и играчите кои имаат ситни повреди. Кога ќе се комплетира ростерот со Димитријевиќ и Мозес, ќе биде подобро за подготовка и ќе можеме сите да работиме заедно. Мора да бидеме паметни, секој да даде сè од себе на теренот, затоа што овој меч со Кипар ни е многу важен. Тоа е шанса да бидеме поблиску до целта, а тоа е пласман во следната рунда. Мора да одиграме сериозен натпревар“, истакна Берокал.
Иако Македонија против Кипар влегува со јасна амбиција за триумф, селекторот предупредува на квалитетите на гостите. Тој особено ги издвојува нивната разновидност во играта и тактичкиот пристап.=
„Кипар е добар тим, има шутери, играчи кои можат да играат на повеќе позиции и да се ротираат. Имаат талент во тактичкиот дел и ги гледаат работите на различен начин. Не го знаеме нивниот конечен ростер, затоа што често се менуваат работите во овие ФИБА-прозорци. Она што го посакувам и го барам е максимално сериозен и дисциплиниран натпревар од мојот тим“, заклучи Берокал.
Натпреварот Македонија – Кипар се игра во четврток, 26 ноември, со почеток во 18:00 часот, во спортската сала „Лазар Лечиќ“ во Скопје.
































