Претстојното градско ракометно дерби помеѓу Вардар и Алкалоид ќе се одигра во малата сала на СЦ „Јане Сандански“. Дуелот од 10.коло во македонската Суперлига е закажан за сабота, 14 ноември, со почеток во 18:30 часот.
Причината за оваа невообичаена одлука е целосната зафатеност на големите спортски објекти низ главниот град Скопје овој викенд.
Големата сала во Аеродром е резервирана за турнир во кикбокс, додека во СЦ „Борис Трајковски“ трае Саемот на книгата. Покрај овие два спортски центри, зафатена е и салата „Расадник“, каде што викендов се одржува боксерски турнир.Црвено-црните се обиделе да го одложат мечот за два дена, но густиот распоред на Алкалоид не дозволил промена.
Поради драстично намалениот капацитет на трибините, клубот воведе строги рестрикции за присуство на овој важен суперлигашки натпревар.
„Натпреварот ќе можат да го следат само сопствениците на сезонски билети со пластична сезонска картичка, како и членовите на навивачката група Комити. Свесни сме дека голем број наши навивачи сакаа да бидат дел од овој натпревар и да му дадат поддршка на тимот од трибините. Искрено жалиме што овојпат нема да бидеме во можност да ги пречекаме сите заинтересирани“, се вели во официјалното соопштение на Вардар .
Од раководството на скопскиот клуб упатија благодарност до верните симпатизери за нивното разбирање и за постојаната поддршка. Тие се надеваат дека следните натпревари од македонската ракометна Суперлига повторно ќе се играат пред полни трибини.































