Ракометарите на Вардар вечерва ќе го играат последниот натпревар во ЕХФ Лигата на шампионите. Во Скопје, македонскиот првак го пречекува германскиот состав на Meлсунген.

Црвено-црните одамна ги загубија шансите за пласман во главната фаза на шампионската лига. Сепак, дуелот со германскиот состав носи голем мотив. Вардар сака со втора победа да го заврши настапот во европската елита и на најдобар начин да им се оддолжи на навивачите за поддршката.

„Ова е нашиот последен натпревар во Лигата на шампионите. Знаеме дека повеќе немаме можност за пласман во следната фаза, додека МТ Мелсунген сè уште се бори за продолжување на натпреварувањето. Сепак, знаеме дека ќе играме во ЕХФ Европската лига и сакаме во тоа натпреварување да влеземе со две победи од Лигата на шампионите зад нас, а не само со една.

Добро се подготвуваме за натпреварот и пред нас е многу важна недела. За нас би било многу значајно настапот во Лигата на шампионите да го завршиме со втора победа.

Ни останува уште еден натпревар во Лигата на шампионите. Да го наполниме „Јане Сандански“ и заедно да се избориме за победнички крај на европската есен“, изјави голманот на вардарци Милош Валах.

Дуелот меѓу Вардар и Мелсунген што ќе се игра во СЦ „Јане Сандански“ ќе почне во 18.30 часот.

Вардраци европскиот настап ќе го продолжат во ЕХФ Европа лигата.