Иако веќе се шести ден на Европското првенство за одбојкари, за Македонија шампионатот „почнува денеска“.
Македонските одбојкари зад себе веќе имаат три одиграни натпревари, но претстојните два се оние најважните. Трите, би рекле очекувани, порази од фаворитите Бугарија, Украина и Полска, се зад нас и заборавени. Тие нема да значат ништо доколку избраниците на селекторот Јошко Миленковски успеат да ја остварат целта, да обезбедат две победи.
За да се случи тоа, македонските одбојкари, прво ќе мора да ја совладаат Португалија која исто така има три порази. Португалците освојат два сета во поразот со Израел која е последниот македонски противник.
Ова се трите селекции што се борат за четвртото место во софиската „Б“ група, позиција што води во следната „нокаут“ фаза на првенството.
Јасно им е на македонските одбојкари дека денеска и утре мора да го дадат најдоброто од себе и повеќе од тоа. Тие веќе покажаа, барем на моменти, дека може да се надигруваат и со далеку подобри од нив, како што беа претходните три противници.
Како ќе изгледа сето тоа во дуелот против Португалија што е закажан во 15 часот, останува да видиме.































