Машката ракометна репрезентација на Македонија денеска во Минхен ќе ги дознае противниците за Светското првенство во 2027 година. Извлекување на групите започнува точно во 18 часот со директен пренос на Јутјуб каналот на ИХФ.

Нашата селекција се наоѓа во одлична позиција и пред ждрепката е сместена во вториот квалитативен шешир. Ова значи дека црвено-жолтите во првата фаза сигурно ќе ги избегнат моќните селекции на Франција, Норвешка и Шпанија.

шешир 1: Данска, Германија, Хрватска, Исланд, Португалија, Шведска, Египет, Аргентина
шешир 2: Франција, Словенија, Норвешка, Србија, Шпанија, Италија, Фарски Острови, МАКЕДОНИЈА
шешир 3: Грција, Полска, Бразил, Бахреин, Тунис, Зеленортски Острови, Чиле, САД
шешир 4: Катар, Кувајт, Јапонија, Алжир, Ангола, Уругвај, Турција, Саудиска Арабија

Потенцијални ривали од првиот шешир се актуелниот светски шампион Данска, домаќинот Германија, Хрватска, Шведска, Исланд, Египет и Аргентина.

Мундијалот ќе се одржи во шест германски градови од 13 до 31 јануари 2027 година со учество на 32 репрезентации. Трите најдобри селекции од секоја група ќе обезбедат пласман во следната главна рунда од шампионатот.

Групи и градови домаќини:

А група (Минхен): Германија
Б група (Штутгарт): Италија
Ц група (Минхен): Хрватска
Д група (Штутгарт): Франција
Е група (Кил): Шведска
Ф група (Магдебург): Португалија
Г група (Кил): Данска
Х група (Магдебург): Исланд

Избраниците на селекторот Кирил Лазаров преку убедлив бараж против Словачка го заверија своето јубилејно десетто учество на светските собири. Овој турнир има огромно значење, бидејќи високиот пласман (до 9 место) носи и виза за квалификациите за Олимписките игри во Лос Анџелес.