Селекторот на женската сениорска репрезентација на Македонија, Милош Гавриловиќ го дефинираше списокот од 14 репрезентативки кои ќе го понесат товарот на првите два турнири од годинешното издание во Европската лига, кои истовремено се и дел од циклусот за квалификации за Европското првенство во 2028 година.

Во последниот пресек селекторот им се заблагодари на интернационалката Добрина Хаџи Тосева и на младата 16-годишна Андреа Митиќ, на кои секако ќе смета во средните репрезентативни акции. Премиерно во А селекцијата шанса добиваат примачот Даниела Горбок и средниот блокер Стефанија Кипријановска.

Дамите до четврток ќе тренираат во Скопје, додека в петок рано наутро патуваат за Порто. Таму на 6 јуни ќе се соочат со Унгарија, додека на 7 јуни играат со домаќинот Португалија.

По завршувањето на настапот на првиот турнир репрезентацијата продолжува директно во Аликанте, Шпанија. На вториот турнир, на 12 јуни ќе ги пречека организаторот, додека ден подоцна играат со Азербејџан.

Последниот, трет турнир од Европската лига , Македонија го игра пред својата публика во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје. Од 19 до 21 јуни нашпите одбојкарки ќе ќе ги пречекаат Словенија и Хрватска.