Ракометарите и навивачите на Охрид се радуваат на првиот клупски трофеј. Овој не е било каков туку освоен на европската сцена.
ГРК Охрид и по втор пат славеше победа над Татабања во финалето на ЕХФ Европскиот куп. Охриѓани во реваншот влегоа со гол предност од првиот меч во Унгарија каде славеа 29-28. Вечерва пак пред својата публика, во преполната сала „Биљанини Извори“, Охрид ја победи Татабања со 31-25.
Првото полувреме го одбележаа двајцата голмани. Охридскиот, Иванковиќ имаше 10, а унгарскиот Андо една повеќе (11).
Охриѓани во 18.минута ја имаа најголемата предност од три гола 8-2. Но веќе во 20.минута големи проблеми за македонскиот тим, откако еден од најдобрите ракометари на Охрид, Иванковиќ заработи црвен картон. Тоа гостите знаеја да го искористат и да дојдат до израмнување (8-8), а потоа и поведат (8-9). Сепак, избраниците на Ројевиќ не ја „изгубија главата“. Брзо ги консолидираа редовите и повторно ја презедоа контролата над резултатот. Охрид на полувреме замина со гол предност 12-11.
На стартот на второто полувреме, Охрид стартуваше фуриозно. Со три врзани гола охриѓани дојдоа до четири позитива (15-11), што беше знак за принуден тајм-аут. Но, и тоа не им помогна на Унгарците, бидејќи по примениот гол Охрид врза два нови и поведе со +5 (17-12). Иако тоа беше во 35.минута, уште тогаш беше јасно дека Охрид ита кон победата и трофејот. Охридските „гладијатори“ знаеја како да го крунисаат тоа, па на крајот славеа со конечни 31-25.
До првиот клупски трофеј и тоа европски, Охрид го предводеа Јапонецот, Јасухира со 9 и Словенецот, Стрмљан кој постигна 6 гола.
Со тоа Македонија, стана една од четирите земји која два пати во низа триумфирала во ова натпреварување. потсетување дека лани до трофејот во ЕХФ Европскиот куп стигна тимот на Алкалоид.






























