Ракометарите на Охрид се пред историска шанса, не само за клубот, туку и за државата.

Охридските „гладијатори“ утре пред своите симпатизери ќе го играат реванш финалниот дуел против Татабања во ЕХФ Европскиот куп.

Победата на гости пред седум дена, и поддршката од публиката се голема можност за охридскиот тим да стигне до својот прв клупски трофеј. Доколку Охрид успее во тоа (а сите навиваме), ќе стане втората македонска екипа која триумфирала во ова натпреварување. Лани тоа му успеа на скопски Алкалоид.

Таа титула би ја сместила Македонија меѓу ретките пет земји чии екипи најмалку два пати во низа биле победници во ова натпреварување.

Атмосферата во салата „Биљанини Извори“ ќе биде „пеколна“ за противникот, бидејќи сите карти одамна се распродадени.

„Пред неколку недели напишавте дека сме „хит на сезоната“ и мислам дека тоа е вистинскиот збор.

До пред само 6-7 месеци, се мачевме со продажбата на билети. Многу работи се споделуваа, спонзорите беа охрабрувани да дојдат и да ги гледаат натпреварите.

Сега стигнавме до ситуација каде што ја распродаваме салата за европски натпревари и домашни дербија за два дена, потоа за два часа, а уште побрзо, финалето за 15 минути.

Да имавме Арена со 6.000 седишта, сигурно сè повторно ќе беше распродадено“, директорот на Охрид, Славчо Ристески.

Шансата е на дофат, се е подготвено за големо славје, а на играчите е тоа да го приграбат.

Утрешниот натпревар меѓу Охрид и Татабања ќе почне во терминот од 20 часот.

Следете нé на социјалните мрежи