Андреа Илиќ по повеќегодишната приказна го напушта ЖРК Вардар. Репрезентативната голманка во новата сезона нема да го носи „црвено-црниот“ дрес, но засега нема информација каде ќе ја продолжи кариерата.
Илиќ во Вардар пристигна во 2017 година, најпрво настапувајќи за вториот тим, а потоа се наметна и во сениорскиот состав. Со своите настапи стана еден од столбовите на екипата, а во 2024 година беше избрана и за капитен.
Особено впечатливи беа и нејзините настапи во репрезентативниот дрес. Во квалификациите за Европското првенство 2026, Илиќ беше една од најдобрите македонски ракометарки, а на натпреварот против Словенија во Велење запиша дури 14 одбрани.
Сега останува да се види каде ќе продолжи кариерата на Илиќ. Следниот клуб сè уште е непознат.
Ивона Кимовска





































