Дисциплинската комисија при ФФМ изрече санкциите за годинашните финалисти во Купот на Македонија, Силекс и Шкендија, а воедно и Вардар за недостојното прослава на титулата.

Дисциплинците на ФФМ, Шкендија ја казнија со парична казна од вкупен износ од 105.000 евра како и исклучување од натпреварувањето во Купот на Македонија за следната сезона сезоната 2026/2027 година.

30.000 евра и исклучување од Купот е казната поради одбивање да ги примат медалите на свечената церемонија, како и поради деградирачки и непочитувачки однос кон официјалните лица и противничката екипа.

15.000 евра поради користење на пиротехнички средства, 10.000 евра поради националистички скандирања и слогани со навредлива содржина на национална основа, како и со 20.000 евра поради истакнување транспарент со нацистичка содржина, за што веќе беа казнети од УЕФА.

Покрај тоа, на ФК Шкендија му е изречена казна од 30.000 евра и забрана за присуство на публика на следните четири домашни натпревари поради непочитување на националната химна, односно исвиркување и дискриминаторски однос за време на финалниот натпревар од Купот на Македонија.

Освојувачот на куп трофејот Силекс се казнува со парична казна во висина од 5.000 евра, поради користење на пиротехнички средства на финалниот натпревар.

Шампионот Вардар ќе треба да плати 15.000 евра, поради навредливо скандирање од страна на навивачите и несоодветна прослава на титулата од страна на фудбалерите.

Воедно, Дисциплинската комисија поведе постапка против ФК Вардар поради користење на пиротехнички средства на натпреварот од 33.коло помеѓу Вардар и Шкендија.