Прволигашката фудбалска конкуренција денеска носи два нови натпревари од 29-тото коло.

Во Скопје, лидерот на табелата Вардар го пречекува кавадаречки Тиквеш.

Вардарци со Шкендија се во трка за шампионскиот трофеј, па бодовите секако се императив за црвено-црните. Кавадарчани од друга страна се во „златната“ средина на табелата која им гарантира опстанок. Ривалството на овие екипи, особено последните две-три сезони го прави интересен овој дуел. Вардарци се лути што Тиквеш во претходното коло „лесно“ загуби од тетовска Шкендија, па упатија низа на обвинувања, за „наместен натпревар“.

Скопјани секако важат за фаворити на овој дуел, но тоа ќе треба да го потврдат со играта во дуелот што ќе почне од 16 часот. Во истиот термин (16 часот) ќе стартува о натпреварот во Струмица.

Тоа ќе биде „дербито“ од долниот дел на табелата меѓу АП Брера и битолски Пелистер. Двата тима се на позициите 8 и 9 кои водат во баражот за опстанок, а заостануваат 4 односно 8 бодови зад Башкими кој засега е сигурен седми. Струмичани имаат предност од четири бодови во однос на Пелистер, кој е само бод-два, пред Работнички и Македонија Ѓорче Петров. Затоа битолчани ќе мораат со сите сили да стигнат до полн плен, за да се одлепат од позициите кои водат во Втората лига.

ПРВА ЛИГА – 29 КОЛО

недела – 26 април
16.00 ВАРДАР – ТИКВЕШ
16.00 АП БРЕРА – ПЕЛИСТЕР
понеделник – 27 април
14.00 СТРУГА Т.Л. – СИЛЕКС
16.00 ШКЕНДИЈА – БАШКИМИ
одиграно
АРСИМИ – ШКУПИ 5-1
МАКЕДОНИЈА Ѓ.П. – РАБОТНИЧКИ 2-1

Standings provided by Sofascore