Првото дерби во второто коло од плеј офот од Супер лигата одиграно вечерва меѓу Охрид и Алкалоид заврши без победник 27:27. На крајот ова е и најреалниот исход од овој дуел во кој двете екипи се менуваа во водство.
Дека ќе биде неизвесен дуел се покажа од самиот почеток, а двете екипи се менуваа во водство. На полувреме предност од еден гол имаше Алкалоид (14:13). Гостите од Скопје имаа и добра почеток на вториот дел и со двата гола стигнаа до позитива од три разлика, но со трите голови на Иванковиќ Охрид стигна до изедначување. До крајот на дуелот најчесто резултатот беше изедначен, а по 26:24 за Алкалоид, охриѓани постигнаа два гола од седум метри преку Ѓукиќ и еден на Стрмљан за водство до 27:26. Во последниот напад Алкалоид изедначи преку Борзаш, а во послениот напад кој траеше до крајот на дуелот Охрид не успеа да упати удар кон голот на Галевски.
Најефикасни на дуелот беа играчите што изведуваа седмерци Ѓукиќ кај Охрид со 8 голови и Никола Костески кај Алкалоид со 6.
Со денешниот бод Охрид се изедначи на табелата со првакот Еурофарм Пелистер со 40 бодови, додека Алкалоид има 36. Лидер е Вардар со 44 бодови.
Утре од 19 часот играат во Битола Еурофарм Пелистер и Вардар, додека од 18 часот се игра дуелот Бутел – Тиквеш.



































