Македонскиот шампион тетовска Шкендија утре во Скопје ќе го игра петтиот натпревар во Конференциската лига. Дуелот против Слован Братислава е последниот за Шкендија пред домашната публика.

Тетовци се бод-два помалку од екипите кои се во игра за пласман во нокаут-фазата. По пропуштените бодови во претходните два меча со Дрита и Јаглелонија, избраниците на Јетон Беќири сега се пред императив да се освојат трите бода. Само така македонскиот првак ќе ги сочува шансите за пласман во следната фаза, иако останува да се игра и мечот во Ларнака против АЕК следната седмица.

„Играме против една исклучително квалитетна екипа која ланската сезона играше и во Лигата на шампионите.

Ние како на секој натпревар овде во Скопје, секогаш играме квалитетно, па се надевам дека и утре како екипа ќе бидеме на едно добро ниво. Мора да кажам дека тие се лесен фаворит во хартија, но ние секогаш покажавме дека можеме да се носиме со секој противник, овде на домашен терен.

Се надевам дека и утре ќе бидеме ние екипата која ќе се радува на крајот натпреварот “, изјави тренерот на тетовци Беќири.

Утрешниот дуел меѓу Шкендија и Слован Братислава што ќе се игра на арената „Тодор Проевски“ во Скопје, ќе почне во терминот од 18:45 часот.

Следете нé на социјалните мрежи