Македонската фудбалска репрезентација во вторник во Кардиф против Велс ќе го одигра решавачкиот натпревар во квалификациите за Светскиот шампионат.

Со оглед дека ова е дуел кој директно решава која од двете селекции ќе обезбеди место во баражот, УЕФА го делегираше еден од најдобрите арбитри во Европа.

Главен судија е Холанѓанецот, Дани Макеле, а ќе му помагаат Хесел Стегстра и Јан де Фрис. Четврти арбитар е Марк Нагтегал. Холандска двојка ќе биде и во ВАР собата, а таму се делегирани Пол ван Бокел и асистентот Рихард Мартенс.

42-годишниот полициски службеник од Дордрехт, кој знакот на ФИФА го носи од 2011-тата судел на Светскиот куп во Катар 2022 и на последните два Европски шампионати.

Макеле три пати бил главен арбитар на мечеви во кои настапила репрезентацијата на Македонија.

Во 2016-тата во Скопје на натпреварот во кој Италија ја совлада нашата селекција со 3:2. Три години подоцна на дуелот Македонија – Словенија исто така во Скопје кога славевме со 2:1. Во 2021-та на мечот на арената „Тодор Проески“ ” против Германија во кој гостите триумфираа со 4:0.

Холанѓанецот е еден од најискусните судии на Стариот континент. Во кариерата има 750 натпревари од кои 362 во националниот шампионат, 54 во Лигата на шампионите, 18 во Лига Европа, а 31 пат бил делегиран на квалификациски мечеви за пласман на Светските и Европските шампионати.