Одбојкарките на Јанта волеј попладнево ги чека нов настап во елитната Лига на шампионки. Тимот ос Кисела Вода пред својата публика во СЦ „Јане Сандански“ ќе го игра првиот меч против францускиот тим Волеро Ле Кане.
Скромни во резултатски очекувања одбојкарките на Јанта волеј беа и во претходната рунда кога ја елиминираа босанската екипа Гацко со две победи. Такви се и сега, но ветуваат бескомпромисна борба за секој поен.
„Престојниот двомеч е одлична можност за Јанта Волеј КВ да покаже дека не случајно ја мина првата пречка во Лигата на шампионите. Ние сме задоволни со самиот факт дека испишавме историја, но исто така и свесни дека можеме уште да дадеме.
Ме радува што имаме силен противник пред нас, затоа што тоа ќе донесе уште поголема мотивираност за игра на теренот, да се даде максимумот и да се понуди силен отпор. Имаме убава атмосфера, хемија и сплотеност во екипата и зошто да не приредиме изненадување!?
Очекуваме и публиката да дојде и да нé поддржи во уште поголем број од првиот натпревар. Таа ни беше ветер во грб и мотив и се надевам дека така ќе биде и вечерва“, изјави капитенот на тимот, Тамара Тасевска.
Интернационалната Ана Старчевиќ која беше една од најефикасните во првите два дуели, го дели мислењето со Тасевска.
„Настапот во Лигата на шампионите е едно убаво искуство за нашиот млад тим. Немаме високи резултатски очекувања, туку се фокусираме на тоа да одиграме најдобро што можеме и да потврдиме дека сме со причина во третото коло.
Во спортот, особено во женската одбојка, изненадувања постојат. Ако одиграме на посакуваното високо ниво, никогаш не се знае. Ние сме оптимисти!“, додаде Старчевиќ.
Мечот кој инаку е од третото квалификациско коло, ќе почне од 18 часот, а ВЛЕЗОТ ВО САЛАТА Е СЛОБОДЕН.





































