Машката сениорска репрезентација на Македонија утре, на ждрепката од 20:45 часот во италијанскиот град Бари ќе ги добие противниците во групната фаза од Европското првенство 2026 година.

Машкиот национален тим по четврти пат во низа ќе учествува на едно континентално натпреварување, каде е во друштво со уште 23 селекции меѓу кои и новиот светски првак Италија, како и сребрениот тим од последното СП – Бугарија, заедно со Романија и Финска како домаќини на 34. ЕвроВолеј следната година.

Претседателот на ОФМ Петар Јовановски и генералниот секретар Филип Деспотовки ќе бидат македонските претставници на утрешната ждрепка.

Ждрепката ќе има полу-диригиран карактер

Четирите земји домаќини ќе бидат сместени во по една од четирите групи, како нивни носители. Италија е носител во групата А, Бугарија на групата Б во Варна, Финска во Тампере ќе ги пречека противниците во групата Ц, додека Романија во групата Д натпреварите ќе ги игра во Клуж.

Непосредно пред почетокот на ждрепката, секој од домаќините ќе има за право да си избере по еден противник во групната фаза.

Откако домаќините ќе одберат еден противник останатите репрезентации ќе формираат ќе се формираат четири шешири со по четири екипи според актуелниот ЦЕВ ранкинг. Според пропозициите актуелниот европски првак Полска и финалистот на последното ЕП Италија, не смеат да се најдат во игра група и во таков случај извлечениот тим ќе биде сместен на следната слободна група.

Доколку не биде избрана од некој од домаќините, Македонија ждрепката ќе ја чека во четвртиот шешир. Таму најверојатно, според ЦЕВ ранкингот, друштво би и правеле Летонија, Шведска и Данска.

Заедно со ждрепката за машкото ЕП ќе се одржи и ждребувањето на групите и на континенталниот собир за дамите, кој исто така се игра следната година.

ЕвроВолеј 2026 во машка конкуренција ќе се одржи во Италија, Бугарија, Финска и Романија од 9 до 26 септември 2026 година.

Следете нé на социјалните мрежи