Македонија повторно ќе биде дел од најдобрите европски машки одбојкарски селекции. Македонските одбојкари и четврти пат во низа обезбедија пласман на Европскиот шампионат, овој во 2026-тата година.
Ова откако вечерва во СЦ „Борис Трајковски“ Македонија во последниот квалификациски меч ја победи Грузија со максимални 3:0.
Велат „јунаците на маката се познаваат“ па така беше и овојпат.
На избраниците на селекторот Јошко Миленкоски им беше потребна победа во три сета и тоа со најмалку седум поени разлика. Тоа и го остварија нашите одбојкари.
На противникот му дозволија да освои само 13 во првиот, 16 во вториот и 17 поени во третиот сет.
Така македонската селекција заврши пред Австрија која имаше ист „скор“ како и нашата. Но црвено-жолтите имаа подобар поен количник, па се најдоа меѓу петте селекции кои завршија како второ рангирани во своите групи, а со тоа обезбедија пласман на Европскиот шампионат.
34-тото Европско првенство кое на програмата е следната 2026 година, повторно ќе се игра во четири земји, Италија, Бугарија, Финска и Романија.